Училиште за театар „Од игра до претстава“
ЗОШТО ТЕАТАРСКО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА УЧЕНИЦИТЕ?
Театарот е најстарата форма на уметничко изразување. Преку неа човекот спознава, рационализира, комуницира, порачува, прифаќа, се социјализира и го јакне психолошкиот хабитус. Како синкретична уметност, која во себе ги вклучува и музиката, танцот, гестот, мимиката, говорот, звукот и визуелното обликување, театарот е повеќе од само обично место за забава и релаксација. Театарот претставува определен начин на живеење, размислување и општење.
Поаѓајќи од ваквите општи и повеќе од реалните констатации за театарската уметност, долго време во образовниот систем во Македонија се наметнува прашањето зошто учениците не се запознаваат со театарската уметност од најраната возраст. Изучувањето на театарот и драмата од најрана возраст, подразбира подобар процес на социјализација, развивање на психолошките карактеристики на детето. Театарот може да биде и е помошно средство за секој млад човек, во процесот на негово професионално определување во животот.
Имајќи го предвид фактот дека денес кога ние заедно со сите деца на овој свет живееме во ера на претерана технолошка софистицираност, во која се помалку е присутна реалната меѓучовечка комуникација, наспроти онаа виртуелната, театарското образование ќе му понуди на младиот човек, можност да се наврати и да го спознае совршенството на реалната комуникација.
За таа цел, во театарското училиште „Од игра до претстава“, се предвидени низа методолошки дисциплини кои имаат за цел токму тоа: да се врати општењето, вистинската, реалната комуникација меѓу младите, да се поттикнат денешните млади луѓе да мечтаат, сонуваат, фантазираат и да патуваат. Да се изгради здрава, аванградна, револуционерна, интелекутална маса млади луѓе кои ќе бидат достојни херои на нашата иднина.
Вистинското место за тоа е дефинитивно театарот!
КАКО ЌЕ СЕ РАБОТИ?
Театарското училиште „Од игра до претстава“ своите активности и програма ги реализира во реновираниот простор на младински центар „Матично“ од октомври, 2022 до јуни, 2023. Училиштето предвидува две основни програми за театарска едукација и тоа:
1. „Од игра до претстава“ - за ученици од основен степен на театарска едукација
2. „Јас – ние, театар“ – за ученици од напреден степен на театарска едукација
Учениците во театарското училиште, ќе имаат можност да го претстават сработеното пред публика. Предвидено е учениците да ги претстават своите стекнати знаења, па така на крајот од учебната година, во јуни, учениците ќе создадат целовечерна театарска претстава која ќе биде изведена пред публика. Истите тие претстави училиштето за театар, ќе ги прикаже и на домашни и меѓународни театарски фестивали, каде нашите ученици ќе стекнат дополнителни знаења и вештини преку размена на искуства со генерациски блиските вљубеници во театарот.
„ОД ИГРА ДО ПРЕТСТАВА“
за ученици од прво до деветто одделение
Оваа програма опфаќа низа различни методолошки единици преку кои учениците ќе имаат можност да стекнат основни теориски и практични знаења за театарската уметност. Преку дидактички и интерактивни игри, учениците ќе стекнат знаења за:
-театарот како средство за комуникација
-поттикнување на имагинацијата
-вештини за работа во група
-ослободување од напнатост
-јакнење на самодоверба
-правоговор
-читање, дикција, интонација
-креативно пишување, раскажување, креирање приказни
-импровизација, имитација
-телото како средство за комуникација
„ЈАС – НИЕ, ТЕАТАР“
за ученици од средното образование
Втората програма во театарското училиште, е наменета за ученици од средното образование. Програмата е конципирана за учениците да стекнат занења за:
-основи на актерската игра
-изградба на ролја
-основи на режија
-драматургија и креативно пишување
-од ситуација до драма, од драма до театар
-театарот според К.С. Станиславски
-театарот според Вахтангов
-од ритуал до театар
-режисерскиот театар на В. Мејерхолд
-театарот на Б. Брехт, Арто, Ливинг театар...
Предвидените методолошки единици, ќе се изучуваат не само како теориско знаење, туку најмногу преку практична примена и тоа:
-дидактички и интерактивни игри за концентрација
-релаксација и јакнење на мускулатурата
-создавање тимска приказна (основи на драматургија)
-доверба, игра со партнер, тим, колектив
-говор, правоговор, дикција, интонација
-изградба на лик и карактер
-монолошки форми
-креативно пишување
Единствено во нашето
училиште за театар добивате
Наставата во училиштето за театар ќе ја води м-р Игор Ивковиќ, театарски режисер, Афродита Киријаковска, дипломиран актер, Ирена Илиевска, дипломиран актер, Миодраг Костиќ, дипломиран продуцент, а како гости предавачи во училиштето ќе доаѓаат наши истакнати театарски и филмски работници, како што се:
-Дејан Лилиќ
-Никола Ристановски
-Тања Кочовска Павловска
-Сашко Коцев
-Гораст Цветковски
-Васил Зафирчев
-Рубенс Муратовски
-Трајанка Илиева – Таци
-Снежана Конеска – Руси
-Трајче Ѓеорѓиев
-Магдаелна Ризова – Черних и многу други.
Училиштето за театар, на своите ученици им нуди можност за:
-посета на театарска претстава (периодично)
-употреба на реквизити и надгледни средства за наставата
-изработка на претстава, на крајот од учебната година
-учество на домашни и меѓународни театарски фестивали во и надвор од Македонија
-учење за синхронизирање серии, тв филмови, тв серии и цртани филмови
-учество во синхронизација на серии, тв филмови, тв серии и цртани филмови
-учество на најразличен вид манифестации и настани, во продукција на соработниците на училиштето.
Училиште за театар „Од игра до претстава“
Скопје,
Август, 2022